Разговараме со Зоран Станојевски, основач на компанијата Центро Унион, која што минатата недела го прослави својот 30-ти јубилеј на постоење.
Тој за CRNOBELO.com ни пренесе искуство за тоа како е да се води успешна компанија, кои се предизвиците, но и кои се мотивите да продолжиме да се движиме во време кога мислиме дека нема надеж за позитивен резултат во работата.
Како се роди идејата за основање на компанијата Центро Унион?
Во текот на животот имав едно мото, „Не го убивај сонот, реализирај го“.
Центро Унион беше мојот сон и доколку не го реализирав јас, ќе го реализираше некој друг. Тогаш немаше да имам можност да го живеам својот сон, туку ќе живеев во туѓ сон.
Центро Унион беше една од првите приватни компании во Македонија. Сонот стана јаве бидејќи верував во себе и во својата визија.
Кој Ви ја даде најголемата поддршка за време на почетоците?
Од самиот почеток, се до денес, мојата сопруга Ленче е мојата најголема поддршка и човек со кој што најдов решение за многу од предизвиците со кои што бевме принудени да се соочуваме во нашиот живот.
Силата и инспирацијата пак во сите овие години е нашата ќерка Тијана, која е само две години помала од компанијата и буквално порасна со нејзе. Последните три години таа е на чело на Центро Унион како прв директор.
Зад секој успешен маж, стои успешна жена. Имав среќа да имам сопруга не со која ќе живеам, туку без која не можам да живеам.
Кои беа најтешките години и дали имавте период каде опстојувањето на компанијата имаше тешкотии?
Компанијата претрпе доста тешки периоди во текот на годините. 1994 година, ние го раскинавме договорот со Горење, најголемата компанија на овие простори. Тие не сакаа Центро Унион да биде увозник, туку сакаа да бидеме нивни дистрибутери. Ние никогаш не сме биле дистрибутери на Горење, туку секогаш сме биле увозници. Дури и самата компанија Горење, иако имаше своја компанија во Скопје, ние сепак останавме како увозници. По нивното барање, јас одлучив да се прекине нашата соработка. Тоа беше многу тешка одлука. На краток рок, дури катастрофална.
Сепак изнајдовме сила, решение и потенцијал со кој што го пребродивме тој проблем. Следната година, ние потпишавме договор со Мерлоне, најголемиот италијански производител на бела техника, Антоние Мерлони и тука го формираме родното име на Фаворит. На почетокот беше тешко, но со тек на времето успеавме да го издигнеме како бренд. Јавноста не знае дека ние бевме застапници на многу брендови во Македонија, меѓу кои имаше врвни производители на бела техника.
Самото време покажа дека после извесен период, сите тие компании тргнаа по некој друг пат и доколку ние во тоа време не одлучивме да тргнеме по патот на Фаворит, навистина не знам што би работеле сега. Често пати знам да кажам дека, кога нешто лошо се случува, тоа сигурно носи некаков успех. Никогаш не треба да се обесхрабруваме бидејќи не знаеме што добро ќе се случи после тешките периоди. Затоа, никогаш не откажувајте се во таквите мигови.